Ова е најдобриот грчки остров за одмор во 2026 година (ФОТО)

by Тони Зографски

Најголемиот остров во Јонското Море, Кефалонија, е прогласен за најдобар грчки остров за 2026 година од страна на британското списание Which?, кое анкетирало повеќе од 1.000 туристи.

Посетителите ги оцениле десетте од најпознатите грчки острови според квалитетот на плажите, природната убавина, туристичките атракции, односот цена-квалитет и можностите за мирен одмор.

Токму Кефалонија беше единствениот остров кој доби максимална оценка за мир и тишина, и освои вкупно 85 проценти, пишува грчкиот репортер.

Остров со нереална природа

Кефалонија се наоѓа на западниот брег на Грција и е позната по своите планини покриени со борови и чемпреси, скриени заливи и плажи со кристално чиста вода.

Посебен впечаток остава планината Аинос, највисокиот врв на островот со висина од 1.628 метри, кој е воедно и единствениот национален парк на грчки остров. Ретки кефалонски елки растат на неговите падини, а посетителите понекогаш можат да видат диви коњи како слободно шетаат во областа.

Аргостоли – срцето на Кефалонија

Главен град на островот е Аргостоли, живописно место полно со ресторани, кафулиња, продавници и шеталишта покрај морето. Иако градот бил речиси целосно уништен во катастрофалниот земјотрес во 1953 година, денес многу делови се обновени, а на некои места сè уште можат да се видат траги од поранешната венецијанска архитектура.

Фискардо и Асос – места што освојуваат на прв поглед

На север од островот се наоѓа живописното Фискардо, едно од ретките места што не било оштетено од земјотресот. Традиционалните камени куќи, црвените покриви, елегантните балкони и малото пристаниште го прават едно од најубавите грчки крајбрежни места.

Асос не е помалку шармантно, мало село сместено меѓу борови и чемпреси, изградено на карпест полуостров. Познат е по својата мирна атмосфера и е идеално место за оние кои сакаат да избегаат од толпите. Плажи кои се наоѓаат на листите на најубави во светот

Кефалонија е позната по голем број плажи, а меѓу нив се издвојува Миртос, која со години е на листите на најубави плажи во Европа и светот.

Препознатлива е по своите бели камчиња, тиркизна вода и високи карпи што ја опкружуваат.

На островот можете да најдете целосно опремени плажи со лежалки и таверни, како и скриени заливи до кои може да се стигне пеш или со брод.

Пештерското езеро Мелисани кое изгледа нереално

Една од најголемите атракции на Кефалонија е пештерското езеро Мелисани, кое се наоѓа во близина на градот Сами.

Откриено е во 1951 година, а по реновирањето станало една од најпосетуваните локации на островот.

Добива посебен шарм во текот на пладне, кога сончевите зраци сјаат низ отворот во пештерскиот свод и создаваат неверојатни нијанси на сина боја.

Островот е познат и по својата одлична храна

Кефалонија е позната не само по својата природа, туку и по својата богата гастрономија.

На островот се произведуваат квалитетно маслиново масло, мед, сирења и локални вина, меѓу кои се издвојува сортата Робола.

Меѓу традиционалните специјалитети, најпозната е кефалонската пита со месо, која се подготвува од говедско и јагнешко месо со домати, зеленчук и ароматични зачини како цимет, мускатно оревче и мајоран.

Друг локален специјалитет е пилешкото во „черепи“, кое се подготвува во традиционален глинен сад со компири, домати, лук, лимон и вино, поради што месото останува исклучително сочно и меко.

Љубителите на природата, мирните одмори и автентичната грчка атмосфера можат да го пронајдат сè она што ја прави Грција една од омилените летни дестинации на туристите од целиот свет со децении.

останати вести