НОШПАЛ: 700 работни часа потрошив на фустанот на Тамара (ФОТО)

by Тони Зографски

По големиот успех на македонската претставничка на Евросонг, Тамара Тодевска, многу медиуми пишуваат за неа, нејзината убава песна, но и за убавиот фустан што го носеше.Македонскиот моден дизајнер Александар Ношпал зборува за хрватска „Дива“ за креативниот процес кој е позади овој, сега веќе култен фустан.

– Ова е 4. пат како изработувам костими за претставникот на Македонија на Евросонг. Првиот пат учествував во 2000. година со групата ХХЛ, па 2002. со Каролина Гочева и 2004. со Тоше Проески. Соработката со Тамара не е случајна, бидејќи приватно сме многу блиски. Таа ми е како помала сестра и ги изработував костимите за најважните мигови во нејзиниот живот. Кога Македонската телевизија ја повика да ја претставува Македонија на Евросонг, таа веднаш ме повика да ѝ изработам фустан. Морав да најдам време сето тоа да го вклопам бидејќи агендата ми е доста набиена, работам костимографии во Европа. И го видовте резултатот – вели Александар.

Фустанот на Тамара е создаден во соработка со две тв режисерки од Шведска кои Македонската телевизија ги ангажирала за овогодинешниот настап: Марија Форсмар Рибергер и Тина Матулеси.

– Швеѓанките инсистираа на одредени бои, а јас дадов некои предлози, па на крајот решивме бојата да биде смарагдно зелена поради симболизација на душевниот мир, хармонија, повторно раѓање и надеж. Инаку, песната зборува за борбата со постпородилна депресија – нагласува Александар.

– Што се однесува на формата, фустанот требаше да биде скулптурален, бидејќи Тамара беше сама на сцената. Детал на кој инсистираа е грбот, каде ставив сребрен патент што ја издолжува линијата и ја нагласува формата. Фустанот го изработував сам, а позади него се 700 работни часови. Пристапот беше како во француската висока мода, што инаку е моја специјализација. Имено, јас ја завршив Париската школа ЕСМОД и работев во модната куќа Мадаме ГРЕС – додава Ношпал.

 

останати вести