Откако во септември земјиштето речиси ја проголтало вилата на познатиот актер Николас Кејџ во Малибу, актерот сè уште го нема решено станбеното прашање. На еден настан во Лос Анџелес изјавил дека е „практично бездомник“.
Инаку, пред неговата вила вредна 10,5 милиони долари се создала огромна дупка, токму на местото каде што претходно се наоѓал приодот до пространата модерна куќа. Асфалтот и бетонот пред затворената гаража, се чинело, едноставно напукнале и пропаднале во земјата, заедно со предмети како мобилен тоалет и искршени делови од заштитната ограда.

Актерот (62) во саботата се појавил на конвенцијата „Л.А Комик-кон“, каде што го прашале какви планови има за таа вечер, во пресрет на Ноќта на вештерките. Тој одговорил дека морал да ги приспособи плановите поради неговата моментална станбена ситуација.
„Во моментов сум, на некој начин, бездомник. Нешто се случи со мојата куќа во Малибу, па живеам по хотели. Поради тоа, вечерва не можам да ги пречекувам децата кои вообичаено доаѓаат да бараат слатки, а во тоа навистина би уживал“, изјавил актерот, пренесе „Пејџ Сикс“.


Сепак, тогаш открил дека својата четиригодишна ќерка Огест ќе ја однесе во Санта Моника, Калифорнија, за да учествува во традицијата на собирање слатки за Ноќта на вештерките.

Имотот на Кејџ, кој се наоѓа веднаш до брегот, претрпел катастрофални оштетувања поради обилните дождови и силната крајбрежна ерозија, поради што почнал да тоне во земјата.


