Лекар предупредува: Овие витамини можат да предизвикаат предозирање

by Тони Зографски

Доктор Амир Кан предупредил на претпазливост при земање одредени додатоци во исхраната, истакнувајќи дека таа индустрија е недоволно регулирана, поради што потрошувачите често не знаат точно што внесуваат во организмот. Иако за оптимално функционирање на телото му се потребни голем број витамини и минерали , од кои повеќето треба да ги добиваме од здрава и балансирана исхрана, многу луѓе се свртуваат кон додатоците во исхраната, односно суплементите. Но, со некои од нив постои ризик од предозирање, пишува британски „Мирор“.

Опасности од гумени витамини

Гостувајќи во емисијата Лорејн на ИТВ, д-р Кан конкретно се осврнал на сè попопуларните гумени додатоци во исхраната. Иако таквата форма може да поттикне редовно земање, таа носи и одредени ризици, првенствено поради високата содржина на шеќер.

„Што се однесува до гумените додатоци, повеќето додатоци денес доаѓаат во таа форма, без разлика дали станува збор за витамин Д, магнезиум или креатин. Тоа е во ред затоа што, ако ви требаат додатоци на исхраната, најважно е да ги земате редовно. Бидејќи гумените додатоци имаат вкус како слатки, луѓето ќе ги земаат поредовно и така ќе ги внесуваат потребните материи“, објаснил тој.

Меѓутоа, тој веднаш дал и предупредување.

„Опасноста е во тоа што тие можат да содржат шеќер и засладувачи, што не е добро, особено ако ги земате премногу. Освен тоа, бидејќи се толку вкусни, луѓето едноставно продолжуваат да ги јадат во поголеми количини, па можете да се предозирате со витамини од гумените додатоци“, рекол д-р Кан.

Индустрија без доволен надзор

Зборувајќи за додатоците во исхраната воопшто, тој нагласи дека потрошувачите не можат секогаш да бидат сигурни што внесуваат во своето тело. Според него, на индустријата ѝ недостасува соодветна регулатива, што значи дека клиентите не мора нужно да го добиваат она што го очекуваат.

„Проблемот со индустријата за додатоци во исхраната како целина е тоа што не е регулирана како лековите. Поради тоа не знаеме точно што и во која количина се наоѓа во овие производи. Некои истражувања покажаа дека тие содржат и од 10 до 12 пати поголема доза од препорачаната, или пак, занемарливо мала количина. Значи, таму нема регулирање и тоа е проблем“, објаснил тој.

Кои додатоци во исхраната ги препорачува?

На прашањето кои додатоци во исхраната сепак би ги препорачал, д-р Кан издвоил три за кои верува дека имаат научна подлога.

„Би рекол витамин Д, омега-3 масни киселини и креатин. За нив постојат докази. Тоа се единствените три што ги земам и јас самиот“, рекол тој.

Пред да започнете да земате какви било нови додатоци во исхраната или витамини, препорачливо е да се консултирате со матичен лекар.

останати вести