На црвениот тепих, манекенката Вини Харлоу блескаше во впечатлива црвена тоалета со отворен грб, гордо истакнувајќи го своето витилиго и редефинирајќи го концептот на убавина.
На доделувањето на наградите Ebony Power 100, познатата манекенка уште еднаш докажа зошто се смета за модна икона и симбол на самодоверба, објави Шоубиз.
Во заводлива црвена тоалета со детали од чипка што се спуштаа до задникот, Вини ги привлече сите погледи на црвениот тепих. Креацијата од слоеви од црвена и бела чипка, асиметричен крој, совршено ја нагласи нејзината фигура, додека белите високи потпетици дополнително ги издолжија нејзините нозе. Фустанот со отворен грб откри голема површина од кожа, а Вини гордо го покажа своето тело обележано со витилиго – кожна болест што ја направи препознатлива низ целиот свет и го зацврсти нејзиниот статус како икона на различноста во модната индустрија.
Со нејзината препознатлива висока пунџа, драматична шминка и златни акценти, Харлоу изгледаше беспрекорно – самоуверено, смело и гламурозно.
Симбол на самодоверба и разновидност
Со години, Вини Харлоу го користи своето влијание за да го поттикне прифаќањето на различноста и да ги разбие предрасудите за тоа како „треба да изгледа убавината“. Како што постојано нагласува, нејзината цел не е само да биде успешен модел, туку и да ги инспирира луѓето кои се чувствуваат „различно“.

Тешко детство и патот до успехот
Вини Харлоу, родена како Шантел Браун-Јанг во 1994 година во Канада, пораснала во средина која не била секогаш со разбирање за нејзината различност. На само четири години, ѝ била дијагностицирана витилиго, кожна болест која предизвикува губење на пигментот и појава на бели дамки на лицето и телото.
Нејзиното детство не било лесно – децата ја задевале, ја нарекувале со погрдни имиња како „крава“ и „зебра“, а се соочувала и со физичко насилство. Поради постојаното чувство на отфрлање, Вини се повлече во себе, а во неколку интервјуа подоцна призна дека поминувала низ тежок период на депресија и мислела за откажување од животот.
Пресвртницата дојде кога реши да ја прифати својата различност и повеќе да не ја крие. Почна да зборува за својата состојба, објавувајќи фотографии и пораки за поддршка на социјалните мрежи, со што создаде заедница на луѓе кои пронајдоа сила и инспирација во неа.

Издигнување на светската модна сцена
Голем чекор напред во нејзината кариера се случи кога учествуваше во реалното шоу „America’s Next Top Model“, водено од Тајра Бенкс. Иако не победи, нејзиниот шарм, храброст и автентичност ѝ ги отворија вратите кон светот на модата.
Денес, Вини Харлоу соработува со водечки модни брендови како што се Desigual, Diesel и Victoria’s Secret, а нејзиното лице ги краси насловните страници на престижни списанија како Vogue и Elle. Таа стана глобален симбол на борбата против дискриминацијата и стереотипите, како и портпарол на луѓето што живеат со витилиго.
