Една млада жена од Британија не ја измила косата со шампон повеќе од една година, тврдејќи дека изгледа и се чувствува „подобро од кога било“ и додава дека хемикалиите во сите шампони се штетни за луѓето.
Џорџија Пек престана да ги користи производите за нега на коса, вклучувајќи ги шампоните и регенераторите, откако била загрижена за ефектите кои неприродните производи ги имаат врз нејзината коса како и поради тоа што страдала од чешање и првут, пишува „Mirror“.
Оваа 23-годишната девојка сега не користи никакви производи за коса и вели дека луѓето ја нарекуваат „луда“ поради „екстремната“ одлука. „Мојата коса е подобра од кога било“, изјави Пек.
Проблемите исчезнаа
„Веќе ги немам проблемите кои ги имав порано и косата ми е поцврста и полна со живот. Првите неколку недели беа тешки бидејќи косата ми изгледаше навистина мрсна. Поради тоа се чувствував малку непријатно и имав голема желба да ја измијам со шампон“, откри Пек.
„Но, продолжив со тоа и од недела во недела косата ми стануваше помалку мрсна, а чешањето и првутот исчезнаа. Моите пријатели и семејството мислеа дека сум луда. Целото мое семејство не го поддржува природниот начин на живот, па мислат дека сум екстремна“, изјавила таа.
„Пред околу пет години престанав да користам мејнстрим производи бидејќи сакав да започнам со поприроден начин на живот“, додаде таа.
„Се префрлив на повеќе шампони и производи за коса на органска и природна база, но сфатив дека тие сè уште не се здрави за скалпот или телото, па пред една година отидов еден чекор понатаму. Овие производи можат да го нарушат нашиот природен екосистем и здравјето на скалпот. Ако постојано ги отстрануваме природните масла, нашиот скалп всушност произведува повеќе масло за да го компензира тоа – што доведува до потреба повторно да го отстрануваме“, изјави Џорџија.
Користи хербален гел
На почетокот, Џорџија користела само вода за миење на косата. Сега, поради нејзините густи брановидни прамени, почнала да користи и хербален гел за миење на коса направен од рузмарин, оригано, лаванда, коприва, јаболков оцет и маслиново масло.