Бил и Глед Форвард се заедно повеќе од 50 години. Цел живот заедно ги поминувале сите предизвици кои им се нашле на патот, вклучувајќи ја и Алцхајмеровата болест од која Глед заболела во 2004-та година.
Парот пред дијагнозата обожувал да вози велосипед, а како што напредувала болеста, изгледало како тие денови да се позади нив. Меѓутоа, Бил дошол до идеја да направи посебен велосипед со кој би можел да се вози и лице кое не може самостојно да се движи.
Тоа било почетокот на ‘велосипедското столче’, како што го нарекол Бил. Резултатот од идејата е велосипедско столче составено од стар детски велосипед кој е модифициран така што има едно тркало позади и две тркала на предната страна со столче, безбедносен појас и потпирач за нозе.
„Првпат кога седнавме на велосипедското столче се возевме околу 5 километри“, објаснил Бил за „CVCNow“.
„Се грижам за неа од моментот кога ќе се разбуди до моментот кога си легнува. Не ми претставува некој терет, туку тоа го гледам како привилегија да се грижам за неа, жената која ја сакам сите овие години. Таа е моја принцеза, а јас сум нејзиниот Вилијам и не би сакал ништо поинаку“, рекол тој.