Можеш да решиш деценески спор на две земји со кој се исправаат вековни недоразбирања и да ти биде за џабе. Вака некако се чувствуваат Зоран Заев и Алексис Ципрас во моментов, иако несомнено тие двајцата го сочинуваат мировниот двоец на годината и оправдано се предложени за Нобеловата награда за мир.
Сите ние бевме сведоци на тоа колкави напори беа вложени во последните три децении, за да му се стави крај на отвореното непријателство на Грција и Македонија. Ембарго, временска спогодба, БЈРМ, судски спор со Хеленик петролеум, антиквизација, покажување на среден прст со Воинот на коњ. Долг и напорен беше патот од времето кога стариот Мицотакис јавно заговараше инвазија и поделба на Македонија, до потпишувањето на Преспанскиот договор. Пеколно тешко беше и во финишот кога по пропаднатиот референдум се вадеа пратеници од притвор и „веома врло добро“ се донесе закон за амнестија. Тешко му беше на Зоки во Скопје, а уште потешко на Алекс во Атина, каде неговото владеачко мнозинство се сведе на само еден пратеник плус, откако против договорот од Преспа гласаа и фашистите и комунистите.
И сосема очекувано двете измачени души заслужија да бидат наградени со Нобел. Ама изгледа не, односно многу тешко бидејќи во меѓувреме се појави сериозна конкуренција и тоа од Шведска. Истата земја во која се родил Алфред Нобел и во која го пронашол динамитот, кој потоа му го донел огромното богатство. Со неговите осум милиони долари Нобел пред крајот на животот ја основал фондацијата, од која се доделуваат наградите за најдобрите научници, но и осведочени миротворци. И баш кога се појави шанса да капне некој долар и во Преспа, на сцена се појави Грета Тунбер. 16 годишната Грета е номинирана за Нобеловата награда за мир, поради тоа што секој петок бега од часови. Да, Грета во петок не оди на училиште, туку протестира пред Шведскиот парламент, барајќи одговорност од законодавците на својата земја за непревземање мерки во борбата со климатските промени.
Секој петок кај нас се јаде урда, но не и во Шведска, чија иницијатива на петочно апстинирање од наставата токму денеска доби глобални размери, бидејќи илјадници средношколци и студенти од над 1000 градови во светот се приклучија на протестите. Младите ученици порачаа дека бегаат од часови бидејќи нивното образование губи на смисла, доколу планетата наскоро биде уништена од катастрофалните последници на климатските промени.
Научниците предупредуваат дека на човештвото му преостануваат 11 години за да ги имплементира неопходните мерки, со кои ќе му се стави крај на глобалното затоплување. Доколку тоа не се случи на време тогаш е само прашање на време кога од површината на земјата ќе биде збришана човечката цивилизација.
Немам намера да ги критикувам Заев и Ципрас, но гледано низ очите на Грета и нејзините врсници, сметам дека Преспанскиот договор губи на смисла доколку за некоја година Преспанското езеро ги поплави и Македонија и Грција. Односно дека во овој критичен период сите наши ресурси треба да бидат насочени кон еколошките проекти, со кои ќе треба да ја намалиме емисијата на штетни гасови.
Преспанскиот договор е одличен, но доцни некои 70 години. Во тоа време поголемиот дел од европските народи ги решија своите односи, за да денеска нивните средношколци бидат способни да изведат една глобална еколошка акција.
(Преземено од Фејсбук)