Од друга страна, стапката на позитивни тестови достигна рекордни вредности во овој бран. Денешната вредност изнесува 18,46 отсто, а седумдневната подвижна средина изнесува 12,34 отсто (сината и црвената линија на вториот дијаграм). Не сме далеку од точката од присуство на вирусот насекаде (пролетва тоа се случи при стапка над 30 отсто), всушност тоа во моментот и се случува во Тетово и Гостивар. Тоа е точка на тотална капитулација, тотално неконтролирана ситуација кога повеќе ништо не помага, освен строг локдаун. Меѓутоа, ниту властите ниту населението тоа не го посакуваат, секој од свои причини. Тие што се заразиле го сметаат заразувањето за лоша среќа, а оние што сé уште не се заразиле мислат дека вирусот не им може ништо. Во Тетово одвај четвртина од населението верува во вакцини, па ништо подобро и не можело да се очекува. Храбро се одигрува сценариото на неконтролирано заразување и колективен имунитет од прележување.