Максимата засади дрво за да обезбедиш иднина за своите деца, во Македонија веќе цела деценија се толкува како изгради зграда за децата.
Откако беше обелоденета одлуката на Уставниот суд, со која привремено беше укинат мораториумот за градење на територијата на Општина Центар, на виделина излегоа алармантните бројки за сето тоа што во последните неколку години е изградено во центарот на Скопје, иако интересот за купување на станови е сè помал, а цената на квадратниот метар е во континуиран пад со години.
Во периодот од 2013 до прогласувањето на мораториумот за градба во 2017 година, во Центар се изградени повеќе од 1200 станови. Фрапантна бројка за земја која со години има проблем со наталитетот и иселувањето на младите. Секако доколку на становите во Центар им се додадат и оние од Аеродром, но и од другите делови на Скопје, човек ќе се запраша кој тоа за кого гради? Во Ново лисиче, преку Карпош, до Ѓорче Петров, но и во Сопиште и Сарај, секојдневно никнуваат нови висококатници, кои на човек што не е од Скопје му даваат лажен впечаток дека во градот живеат барем пет милиони луѓе. Не сме направиле попис со години за да ја знаеме егзактната бројка, но мојот впечаток е дека во оваа наша метропола нема повеќе од пола милион жители. Прашање е дали ги има и воопшто толку, а може само да претпоставиме колку ќе има или подобро речено ќе ги нема за десет, петнаесет или дваесет години?
Доколку продолжи стапката на градење стамбени згради, а Уставниот суд потврди дека нема причина да не мислиме така, не само што ќе има повеќе станови од луѓе, туку наскоро на секое новородено дете ќе оди и по една изградена зграда. Значи не стан, туку зграда. На пример, тој има една зграда на „водњанска“ на четири спрата, со два застаклени дуќана во мезанинот, а таа е наследничка на осумспратница сместена карши тинексот во Кисела вода, изградена на плацот од бараката на баба. Излгеда симпатично, но претпоставувам дека и двајцата својата иднина повторно ќе ја бараат некаде по Европа, па во некој Гелзенкирхен или Копенхаген ќе бараат гарсоњера на добра локација.
Неконтролираната урбанизација на Скопје, историски би можела да спореди само со Мачу Пикчу. Оваа античка метропола во Јужна Америка некогаш била дом на повеќе милиони жители. Археолозите денес сметаат дека главната причина за уништувањето на овој град е неконтролираната урбанизација, кога под притисок на градењето се случила климатска катастрофа на поширокото географско подрачје, па градот бил тешко погоден од поплави и суши.
Не знам дали Скопје воопшто има шанса да ја избегне судбина на Мачу Пикчу, но сигурен сум дека доколку изградбата продолжи тогаш иднината на сите наши деца ќе бидеме приморани да ја побараме на друго место. Со сè зградите се разбира.
(Преземено од Фејсбук)