Си приспомнувам понекогаш во ретките моменти на осаменост кога можам да си го дозволам луксузот наречен „будно сонување“, дека како малечок редовно одев на „Зелениот пазар“ во строгиот центар на главниот град за да ги купам неопходните прехрабрени производи.
Да, тоа го правев на возраст од некои шест години и колку тоа да им звучи чудно на сограѓаните родени во новиот милениум, тоа беше мошне нормална појава. Тоа што на мене ми изгледаше ненормално, беа опскурните лица на селаните и прекупците, кои тргуваа на тезгите на пазарот и кои со некаква мистична итроштина се обидуваа да се докопаат до некој динар повеќе, што на мене во тоа социјалистичко време ми изгледаше надреално. Како да влегувам во некој паралелен свет во кој физичките закони стануваат свитливи и како во некоја фантастична приказна, доброто и лошото се двете страни од еден ист стап. И привлечно и страшно во исто време.
Да бидам искрен ова пазарење не ме држеше долго и по едно жестоко противење, со индигнација бев ослободен од било какво купување од родителите, што прекрасно се вклопи во мојот епско мрзелив карактер. Без да претерам ќе отркијам дека наредните неколку години од мојот живот се состоеја од пладневни дремки, гледање фудбал, усовршување на безделничењето, а нешто подоцна и беспрекорно вклопување во ноќниот живот на Скопје, кој на времето се одвиваше без никакви ограничувања. Ќе додадам и дека многу читав книги, но тоа вешто го криев од средината за да бидам прифатен од легендите во маалото.
Созревајќи во „меурот од сапуница“ кој самиот си го креирав и во кој уживав во тинејџерските денови, напрасно се распрсна некаде во 1998 година, кога сосема неинформирано од страната на „Скопската чаршија“ го преминав камениот мост и на централниот плоштад влетав помеѓу илјадници еднакво опкскурни ликови, кои мавтаа со знамиња и извикува пароли на за мене неразбирлив јазик. Повторно ја доживеав истата надреална сцена на паралелни светови, каде ликовите наизглед човечки, затскриваат некаква праисторија во набораните чела. И привлечно и страшно во исто време.
Подоцна дознав дека се работи за митинг на тогашната опозициска партија, која по кратко време ја освои власта.
Нормално дека ова мое влетување на митингот, ми предизвика сериозни психички последици. Целиот интерес за политика и демократија што почнав да го добивам со запишувањето на факултетот, експресно ми исчезна. Во таа 1998 година апситинирав од гласањето, иако со навршени 19 години ќе имав прилика за прв пат да го заокружам ливчето. Истиот тренд ме држеше долги години, сè до 2011 година.
Битно е да се каже дека во пресрет на овие предвремено-предвремени избори во низа, повторно почнав да одам на пазар откако бев хм, љубезно замолен од сопругата. На мое големо изненадување зад тезгите ги видов пријателите од детството, легендите од маалото и истите оние убавици кои предизвикуваа воздишки во долгите и топли скопски лета.
Надреалните ликови со оспкурни лица, во чии брчки се уште можеше да се прочита праисторијата, тогаш веќе беа сместени во комотните канцеларии на министерствата, јавните претпријатија или, пак, беа испратени на дипломатски мисии во странство. Тие носеа скапи одела, вратоврските нормално им беа подарок од љубовниците, а манжетните грижливо одбрани од сопругите. Во тие години истите ликови станаа магистри, доктори на науки, асистенти и професори. Денеска тие се адвокати, нотари, мајки и светски патници. И привлечно и страшно во исто време.
Си приспомнувам во ретките моменти на осаменост дека на прагот од новиот милениум, мојата генерација ја имаше историската шанса да стори нешто со земјата. Но, додека ние смислувавме вицови, безделничевме по асфалтот и го губевеме времето во бесмислени дебати за тоа дали Пецо Коњот е најјак тип на потегот помеѓу Нова железничка и Ново Лисиче, опскурните ликови ја превртеа кантата и испливаа на површината.
(преземено од Фејсбук)