-Мерките кои ги предложи Комисијата за заразни болести, да се дозволат свадби со половичен капацитет на присутни и да се зголеми бројот на присутни на една маса во рестораните и кафулињата се преуранети и не треба да се имплементираат, затоа што опсегот на вакцинирани граѓани е мал, колективниот имунитет не е постигнат, а бројот на починати пациенти од коронавирусот е голем, – вели поранешниот член на Комисијата за заразни болести и екс директор на Центарот за јавно здравје Скопје, професор доктор Александар Стојанов.
-Свадбите се притисок од свадбарите, кои во текот на целата пандемија и онака работеа и ги прекршуваа протоколите. Никој не се придржуваше до протоколите да се почитува бројот на гости на една маса, масите беа преблиску поставени една до друга, и јас лично не би ги пуштил свадбите имајќи ја предвид оваа блиска слика од минатото. Што се однесува до мерката да не се носат маски на отворено, сметам дека таа мерка е оправдана, со оглед на тоа што и досега немаше логика. Меѓутоа, дефинитивно не сум поборник да се опуштаат мерките затоа што смртноста во нашата земја не е занемарлива работа. Точно е дека падна бројот на новозаболени, ама не доволно за се така лефтерно да се опушти. Уште немаме доволен број на вакцинирани за да кажеме дека имаме колективен имунитет, кој се создава со вакцинација барем на 60 проценти од населението. Ние сме далеку од таа бројка,- изјави доктор Стојанов за Слободен печат.