Знам јас како изгледа тоа. Се бричиш, пеглаш кошула, се поливаш со парфем, купуваш црвено Марлборо, гланцаш кондури, се зајмиш илјадарче од баба со ветување дека ќе ѝ направиш попара од млеко и бисквити, пред огледало ги правиш последните нервозни преправки со оние три влакна што штрчат, го темпираш погледот и напрасно излегуваш од дома.
Сфаќаш дека си излегол еден час порано, ама нема везе си викаш, ај ќе прошетам малку. Се движиш бавно, но срцето тие бие како тапан, челото ти се оросува од пот, а во стомакот започнува да се креира една тапа болка, која се заканува да прерасне во една гигантска змија во агрегатно гасовидна состојба.
Седнуваш на клупа и нервозно палиш цигара. Целиот заводнички занес од пред неколку минути го снемува за момент. Вртиш во глава какви сè сценарија можат да се случат на состанокот. Тоа не е обичен состанок повторуваш во себе, долго време ја чекаш оваа прилика. Прво тоа беше само дружење или што би рекле некои една обична асоцијација. Дружењето потоа еволуираше во партнерство, релации на отворени симпатии, занес, службени ручеци, одбележување на пригодни прилики. Но, во последниве години односот стана сериозен.
– Не сме повеќе деца за да се шегуваме – повторуваш во себе – убаво ја прашав кога и таа ми рече наскоро.
Допушуваш тоа цигарата, пикавецот нервозно го фрлаш на земја, при станување несвесно со рацете ја запеглуваш кошулата на која веќе добро се познаваат дамки од пот. Се убедуваш дека не изгледа страшно и продолжуваш по патот каде таму на договореното место, треба да ја сретнеш и да ја прашаш.
Велам знам како му е на премиерот Зоран Заев, кој ете денеска се среќава со фројлајн Ангела Меркел, од која се надева дека ќе го дознае точниот датум, на кој ќе започнат преговорите за членството на Македонија во Европската унија.
– Доколку Европа не се држи до своето ветување, ние сепак ќе ја донесеме Европа во Северна Македонија, со тоа што ќе ги спроведеме европските реформи и без процес на преговори. Но без процесот на преговори, без атрактивноста на ЕУ на хоризонтот, мотивацијата за тоа нема да биде иста – изјави Заев за германските медиуми.
Да, знам како му е на премиерот. Се бричиш, пеглаш кошула, се поливаш со парфем, купуваш црвено Марлборо, гланцаш кондури, баба ти и на крајот ништо. Нема датум. Преговори има и понатаму, а тоа ти е единствената утеха. Кога ќе те праша некој пијан гостин на слава за тоа кога ќе се жениш, ти му одговараш со кисела насмевка еве уште датумот да го закажеме.
Во моменти на слабост те фаќа нервоза од тоа што со пола роднини веќе си се испокарал за да бидеш со неа, презимето не ти е битно, ниту пак името ти е свето. Другарите се откажале од тебе, а по дома само срцето на баба е преголемо, за да ти ги прости гревовите предизвикани од твојата наивност. Правиш резолуција во полутемна соба, храбро објавуваш дека ако таа не си стои на зборот, тогаш ти ќе стоиш на твојот. Ќе ги прифатиш сите нејзини замерки, ќе се смениш, со еден збор ќе се реформираш. Иако знаеш дека нема да биде исто без да ти го каже датумот, односно ќе останеш без мотивација.
На крајот од патот нервозно се вртиш околу себе, барајќи ја со поглед. Таа доцни 15 минути, но сепак доаѓа и ти пружа рака, а на краевите од усните ја забележуваш онаа легендарна насмевка, за која никогаш не си бил сигурен дали е срдечна или саркастична.
Без многу заобиколување ти вика – Види, ќе праиме муабет во септември или октомври, па ќе видиме тогаш за датумот.
Ех, тешки се тие младешки непроспиени ноќи, кога срцата на момчињата буквално треперат од самата помисла на нејзината мистериозна насмевка и цврстиот стисок предизвикан од малото, деликатно раче. А датумот? Датумот ќе знаеме во септември или небитно најдоцна до октомври.
Преземено од Фејсбук