Помешани се чувствата помеѓу Македонците, откако нашата земја беше наградена со десетатта по ред препорака од Европската комисија, за добивање датум на преговори за влез во Европската Унија.Но, за среќа тимот од советници на премиерот, кој од неодамна е засилен со еден нов советник од ресорот „Андрија и Анѓелка“, успеа да ја пронајде формулата, со која се открива позитивниот исход за земјава во нејзината европска епопеја.
„Слободен печат“ можеби дојде до документот, со кој се потврдува оваа констатација, но мораме да ги предупредиме нашите читатели дека поради напредните математички операции, тие веројатно нема да бидат во можност до крај да ја разберат пораката, која доаѓа од советничкиот дел на премиерскиот кабинет.
Се тргнува од изјавата на еврокомесарот за прошурување на ЕУ, Јоханес Хан, кој на прашањето – Дали е Северна Македонија подготвена да започне преговори со ЕУ – тој го одговори следното: „Апсолутно. Северна Македонија не само што испорача за својата амбициозна реформска агенда, посебно во областите истакнати од Советот во јуни 2018, туку и постигна историски договор со Грција“.
Окултното советничко око веднаш примети дека во изјавата на комесарот има 28 збора. Доколку 28 се собере со бројката 10(десетта препорака по ред), го добиваме бројот 38. Советот на министри(кој треба да ја потврди препораката) брои 28 члена.
Читателите на кои им оди математика веќе ја разбираат равенката, но должноста на медиумот е да ја пласира сторијата до најголемиот број на читатели, па затоа продолжуваме со исто темпо.
Значи, 38 плус 28 е еденакво на 66. На оваа бројка едноставно го додаваме бројот шест(бројот на земји членки потписнички на договорот за јаглен и челик, на чии основи е формирана ЕУ), по што нели е логично да се добие бројот 666.
Оваа бројка во модерно време има негативна димензија, но, во цивилизацијата на Коине, означувала бериќет. Е сега кога бериќетот, односно 666 ќе се подели со 10(десетта препорака по ред), тогаш недвосмислено го добиваме бројот 66. Тука е потребно да се впуштиме во уште една „божја“ операција и 66 да го поделиме со 20(20 проценти е мајка на сите договарања под маса) и го добиваме резултатот 3,3. Нормално дека бројот зад децималата го игнорираме бидејќи нè буни и со чиста тројка продолжуваме понатаму. Три помножено со два(Северна Македонија е составена од два збора) ја дава бројката шест. Е тука е клучот во математиката. Јуни е шести месец во годината, кога сите ние очекуваме да добиеме датум за отпочнување на преговори. Јуни доаѓа од Јунона(божица на плодноста во раниот период на латинската цивилизација) и повторно има шест букви. Бројот шест помножен со 10000(бројот на ослепени самоилови војници) ни го дава бројот 60 илјади. Доколку во наредната операција ги одземеме слепците на Самоил, тогаш доаѓаме до хонорарот на советникот, кој со 50 илјади денари месечно е награден за негувањето на специјалните односи со земјите на Бенелукс, од каде веќе извесно време увезува автомобилски делови и кој вакви слични пресметки од претходно објавува на Фејсбук.
Премиер со вакви советници не треба да се грижи за својата иднина во јуни или јули. Август или т.н. „глупи Август“ е во ресорот на некои други советници, кои фала богу ги има 63 на број. Инаку 63 е бројот што неодоливо лесно се собира со 1930 и се добива 1993. Тоа е годината во која е потпишан договорот во Мастрихт, со што е формирана Европската Унија. Шах-мат!
На крајот ќе додадеме само една старосоветничка поговорка, која ја окрива целата вистина на битието – „Ако по трет пат неделава не сте се појавиле на работа во Влада, тоа значи дека денеска е среда“.
Преземено од Фејсбук