Даниел Салдана (55) е осуден во 1990 година за пукање кон автомобил во кој се превезувале шест тинејџери што излегувале од средношколски фудбалски натпревар во Болдвин парк, источно од Лос Анџелес. Двајца студенти беа ранети, но преживеаја. Напаѓачите ги помешале тинејџерите со членови на банда, соопшти тогаш полицијата.
Салдана имал 22 години во времето на пукањето и работел со полно работно време како градежен работник. Тој бил еден од тројцата обвинети за нападот. Осуден бил на 45 години затвор по шест точки од обвинението за убиство во обид и една точка за пукање во возило.
„Тоа беше борба, да се будиш секој ден знаејќи дека си невин. Заклучен си во ќелија, молиш за помош. Едноставно, среќен сум што дојде овој ден“, изјавил Салдана.
Канцеларијата на окружниот обвинител во Лос Анџелес, Џорџ Гаскоњ, започнала истрага откако во февруари дознала дека друг осуден вооружен маж и рекол на полицијата за време на сослушувањето за условно ослободување во 2017 година дека „Салдана не бил вмешан на кој било начин и не бил ниту во близина за време на инцидентот“.
Меѓутоа, поранешниот заменик окружен обвинител, кој го слушнал сведочењето на другиот обвинет, не направил ништо, ниту пак ги пренел информациите на Салдана или на неговиот адвокат, додал Гаскоњ.
Поради ова Салдана поминал уште шест години во затвор пред обвинителот повторно да ја отвори истрагата и да го прогласи за невин, истакнал Гаскоњ.
Обласниот обвинител не објавил повеќе детали за случајот, но им се извинил на Салдана и неговото семејство
„Знам дека ова нема да ги врати децениите што ги поминавте и издржавте во затвор. Но, се надевам дека нашето извинување ќе биде мала утеха додека го започнувате вашиот нов живот. Не само што е трагедија да се испрати невин човек во затвор, туку секогаш кога ќе се случи ваков тип на неправда, за тоа време вистинските виновници одат на слобода и прават нови злосторства“, рекол Гаскоњ.