Додека научниците ширум светот се натпреваруваат да најдат лек за новиот вирус на короната, една тинејџерка, Аника Чебролу (14) од Фриск, Тексас, ја освоила престижната награда „3М предизвик за мМлади научници 2020“ и 25.000 УСД за откритието што може да доведе до потенцијална терапија за Ковид-19.
Предизвикот за младите научници е натпревар за средношколци во САД, сличен на европскиот, под покровителство на компаниите „Discovery“ и „3М“.
Натпреварувачите во кратко видео ги презентираат своите идеи за нови пронајдоци за решавање на секојдневните проблеми, а десетмина финалисти добија можност да работат рамо до рамо со научници од конгломерат „3М“ во текот на летото и да го посетат Центарот за иновации во Минесота за да се натпреваруваат за наградата од 25.000 долари и титулата „Најдобар американски млад научник“.
Победничкиот пронајдок на Аника ја користи таканаречената методологија „In silico“ за да ја открие водечката молекула што може селективно да се поврзе со шилестиот протеин на вирусот САРС-Ков-2.
– Последните два дена видов дека се посветува големо медиумско внимание на мојот проект бидејќи тој е поврзан со вирусот ковид-19 и ги одразува нашите колективни надежи дека ќе заврши пандемијата. И јас, како и сите други, сакам што побрзо да се вратиме во нашите вообичаени животи – рече таа за „CNN“.
Аника, која е Американка со индиско потекло, го достави својот проект на конкурсот кога беше во осмо одделение, но немаше за цел да најде лек против ковид-19 од самиот почеток. Првично, неговата цел беше да се користи методот „In silico“ за да се идентификува водечкото соединение што може да се поврзе со протеините од вирусот на грип.
– Откако поминав толку многу време во истражување на пандемии, вируси и лекови, би било лудо само да мислам дека всушност доживувам такво нешто. Поради големата сериозност на пандемијата на ковид-19 и драстичните последици што ги имаше за светот за толку кратко време, јас, со помош на мојот ментор, го сменив правецот и се фокусирав на САРС-Ков-2 – рече Аника.
Аника рече дека била инспирирана да најде лек за вирусите откако дознала за пандемискиот грип во 1918 година и открила колку луѓе умираат годишно во САД и покрај вакцинациите против грип и достапните лекови на пазарот.
– Аника има љубопитен ум и ја користи таа љубопитност да се распрашува за вакцините против ковид-19. Нејзината работа беше сеопфатна и ја испита преку база на податоци. Таа исто така разви разбирање за иновативниот процес и е врвен комуникатор. Нејзината волја да го искористи своето време и талент за да помогне светот да стане подобро место, на сите ни дава надеж – рече д-р Синди Мос, судија на натпреварот.
Аника призна дека, иако била почестена со наградата и титулата, нејзината работа не е завршена. Следната цел е да работи заедно со научници кои се борат за „контрола на морбидитетот и морталитетот“ на пандемијата, развивајќи ги своите откритија во вистински лек за коронавирусот.
– Мојот напор да ги пронајдам водечките соединенија што се поврзани со шилестиот протеин на вирусот САРС-Ков-2 може да изгледа како капка во океанот, но сепак ги додава сите напори досега. Како понатаму ќе ја развивам оваа молекула со помош на вирусолози и други експерти ќе го одреди успехот на овие напори – заклучи Аника.
Кога не е во лабораторија, 14-годишното девојче практикува традиционален индиски танц наречен „Бахартанатјам“, што го практикува веќе осум години.