Драматичните геополитички случувања во последните два месеци го враќаат на сцена заборавениот „Москвич“. Како што е најавено, фабриката на компанијата „Рено“ во Москва ќе биде пренесена во сопственост на градот и во неа ќе биде обновено производството на автомобилите „Москвич“, а во план се и електрични возила.
Оваа информација ја пренесе градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, на својот блог, пренесува „Ria Novosti“.
„Странскиот сопственик (Рено) одлучи да ја затвори московската фабрика. Тоа е негово право, но не можеме да дозволиме илјадници работници да останат без работа. Затоа одлучив да го пренесам сопствеништвото на фабриката на градот за да продолжи со работа. Во неа ќе произведуваме автомобили под историскиот бренд „Москвич“, напишал Собјанин.
Тој најави дека градските власти ќе настојуваат да задржат поголем дел од персоналот од фабриката на „Рено“ и од сродните компании. Според неговите зборови, во првата фаза ќе се организира производство на патнички автомобили со класичен погон, а во иднина и електрични автомобили.
„Освен тоа, заедно со компанијата „КАМАЗ“ и Министерството за индустрија и трговија работиме на локализација на производството на најголем број компоненти во Русија“, додал тој.
Министерството соопштило дека се потпишани документи за пренос на средства од групацијата „Рено“ на Русија и градот Москва.