М-р Калиа Поповска
советник за депресија, анксиозност и проблеми во однесувањето
Web strana: https://www.kaliatherapylondon.com/
Instagram: kalia.therapylondon
Кога сте родител и се наоѓате во ситуација каде немате контрола може на детето да му кажете нешто без претходно да размислите за последиците. Може да се употребат зборови кои не се од помош т.е. негативни зборови за да се натера детето да ја разбере тежината на неговите постапки. Негативните зборови даваат погрешна импресија за нивните постапки, детето почнува да верува негативно за себе: не е доволно добро, товар е, причина е за стрес кај родителот, се обвинува себе си за секоја несреќа во фамилијата. Има страв за нови работи бидејќи за грешките било критикувано (наместо потпомогнато), на тоа гледа како разочарување од себе си, а воедно и на родителите.
Работи кои не би требало да се кажуваат:
Посакувам никогаш да не те родев. Никогаш ниту едно дете не треба да го слушне ова. Повредени се чувствата на детето, нарушена е неговата самодоверба, се чувствува несакано.
Ти си лошо дете. Многу честа фраза. Детето почнува да верува дека е лоша особа која прави погрешни работи. Детето треба да научи дека тоа што го направило е погрешно. Но тоа не значи дека е “лоша особа”. Постапката може да биде неприкладна, а не детето како особа.
Добрите деца не плачат. Плачењето е природен одговор на силни емоции. Децата се поранливи и немаат контрола врз емоциите, плачат за сé. Покажете им дека сте тука за нив без разлика на нивните емоции. Децата ги сакаме и кога се среќни и кога се тажни – таа љубов е неусловна.
Никогаш не го правиш она што го барам од тебе. Детето почнува да верува дека ништо не може да направи како што треба, се прашува дали воопшто треба да се обидува нешто да направи. Бидете конкретни за да детето разбере и да го направи тоа што го барате; избегнувајте ги употребувате зборовите “секогаш„ и “никогаш„.
Побрзај или ќе те оставам овде. Се засилува стравот од напуштање и губиток. Праќате порака дека ако не направи како другиот каже, тогаш не е вредно за љубов и ќе биде напуштено. Со овие постапки детето се учи на условна грижа и љубов.
Посакувам да си повеќе како брат ти/сестра ти. Детето се чувствува несоодветно, се поттикнува ривалството меѓу децата. Чувствува дека не може да постигне ништо вредно затоа што никогаш нема да биде толку добро како братот или сестрата.
Јас ḱе го направам тоа наместо тебе. Кога детето се соочува со проблем, а вие го решавате проблемот наместо да му помогнете, го учите детето дека тоа не може да опстане без вас – ко-зависност. Ако детето има потешкотии да ја нареди сложувалката природно е да сакате да му помогнете. Помагањето со граници им помага на децата да развијат самостојност и независност; помагање без граници, решавање на проблемот наместо нив, води до несигурност, зависност од другиот и недоверба во себе си.
Омаловажувачки коментари за другиот родител. Предизвикува детето да мисли дека треба да завземе страна или да може да каже лоши работи за родителот. Оваа ситуација поттикнува конфузија кај децата.
Зошто не можеш да бидеш како ……? Една од нај не-конструктивните фрази која родителот ја кажува мислејќи дека ќе го мотивира детето да научи добро однесување од другите. Детето се споредува со другите, се чувствува лошо за квалитетите кои ги нема. Се јавува огорченост и љубомора, се преиспитува неговата уникатност и индивидуалност.
Нормално е секој родител да каже една или неколку од овие изјави во текот на своето воспитување на децата, сепак тоа треба да биде проследено со извинување упатено кон детето. Децата имаат потреба од родители кои ги охрабруваат, а не да им ја уриваат самодовербата со невнимателни зборови кои оставаат долготрајни последици.