Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Точната причина за синдромот на нервозни црева не се знае, се сугерира дека е поврзан со неколку специфични промени во телото. Дел од симптомите се предизвикани од неконтролирани контракции на мускулите на дебелото црево, спазми. Болката што се јавува може да е поради невообичаена осетливост на нервните завршетоци во тенкото црево. Причината за овие промени не секогаш се знае, но фактори кои може да се поврзани со синдромот вклучуваат:
Психолошки фактори – мозокот и цревата се тесно поврзани. Мислите и емоциите може да предизвикуваат симптоми во цревата, а здравјето на цревата може да влијае на менталното добро чувство. Стресот може да предизвика повеќе контракции во тенките црева и да ја зголеми осетливоста. Не може точно да се каже дали стресот и други психолошки фактори може да предизвикуваат нервозни црева или пак е обратно. Лицата со нервозни црева имаат повисоко ниво на стрес и анксиозност но и и самиот стрес исто така може да ги влоши симптомите на синдромот. Истражувањата потврдиле дека особите со синдромот имаат повисоко ниво на анксиозност и депресија.
Антибиотици – системот за варење на храната содржи цревна флора., трилиони бактерии, вируси и габи кои заедно се нарекуваат микробиом. Овие микроорганизми играат неколку критични улоги за здравјето, вклучувајќи варењето на храната и функцијата на имунолошкиот систем. Антибиотиците кои ги земаме да се борат со бактериските инфекции ги убиваат и корисните бактерии во цревата. Долготрајна употреба или повторувачки третмани со антибиотиции може да ја променат цревната флора и да ја пореметат нормалната функција на цревата и ова пореметување потоа да води до синдромот на нервозни црева.
Прекумерен раст на бактерии – некои особи со синдром на нервозни црева имаат вишок бактерии во тенкото црево, состојба наречена прекумерен бактериски раст во тенкото црево (small intestinal bacterial overgrowth, SIBO). Прекумерен раст на бактерии се јавува кога бактериите од дебелото црево ќе се вратат обратно во тенките црева. Не се знае дали овој раст може да предизвика нервозни црева но се знае дека особите со нервозни црева имаат прекумерен раст на бактерии. Во таа ситуација често се јавуваат симптоми типични за синдромот како надуеност, констипација, болка во стомак, дијареа. Некои истражувачи нашле дека симптомите на синдромот често се намалуваат по третман со антибиотици кои се насочени кон бактериите во тенките црева.