Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Ако имате било какви симптоми на состојби на скротум или тестиси, болка, оток, осетливост или грутка веднаш консултирајте се со доктор. Некои состојби може да бидат опасни по живот ако не се лекуваат навремено.
Во одреден момент од животот многу мажи имаат болка и оток, зголемување на тестисот или скротумот (вреќичката во која се наоѓаат тестисите). Болката може да е блага и да исчезне сама по себе или да е постојана и силна. Прични се:
– ингвинална хернија (кила во препоните)
– траума
– инфекција (орхитис)
– варикоцела
– хидроцела
– торзија на тестис
– претходна операција на тестиси, вазектомија
– циста на епидидим или сперматоцела
– рак на тестис.
Торзија на тестис е сериозна, итна медицинска состојба која бара оперативно решавање. Сперматичната врвка која носи крв во тестисот се извиткува и се прекинува снабдувањето со крв во тестисот. Најчесто е кај млади момчиња. Најчести симптоми се:
– ненадејна, силна болка во еден тестис
– црвенило и оток на скротумот
– гадење, повраќање
– грутка на тестисот
– крв во спермата
– повлекување на тестисот на повисока положба во скротумот.
Хидроцела е насобирање на течност околу тестисот, најчесто е безопасна состојба. Вишокот на течност предизвикува оток на скротумот со непријатност, чувство на тежина и влечење. Може да е еднострано или двострано. Скротумот е заоблен, отечен, безболен.
Варикоцела е проширена вена во внатрешноста на скротумот. Честа појава е, 15 проценти од мажите имаат варикоцела. Почесто е на левата страна. Најчесто е безболна, мал број имаат болка. Во 40% е причина за неплодност кај мажите.
Сперматогенезата (создавање на сперма) може да се наруши затоа што се зголемува температурата во скротумот, нарушено е нормалното создавање на сперматозоиди, помал број, намалена подвижност, абнормални сперматозоиди. Третман е потребен при неплодност, болка или атрофија на тестисот (тестисот станува помал).
Сперматоцела и епидидимални цисти се создаваат во делот каде се складира спермата. Сперматоцелата содржи сперма. Безболни се. Се отстранува ако порасне голема и предизвикува непријатност.
Вазектомија е хируршка процедура која се изведува со цел стерилизација на мажот, постојана мерка за машка контрола на раѓање. Тестиси те произведуваат сперматозоиди, но тие умираат, блокирани се каналите преку кои можат да излезат од тестисите. Нивото на тестостерон и сите машки полови карактеристики остануваат исти.
Орхитис е инфекција на тестисот, а некогаш и на епидидимисот (епидидимо-орхитис). Тестисот е воспален и отечен поради бактерија или вирус, заушки, сексуално преносливи инфекции (гонореа, кламидија). Симптоми:
– болка и оток во тестисот и препоната
– оток и црвенило на скротум
– крв во спермата
– исцедок од каналот (уретрата)
– болно мокрење.
Рак на тестисот почест е кај млади мажи иако може да се случи во секое време од животот на мажот. Постојат многу видови на тумори на тестисите, нивната агресивност зависи од видот на туморот и во која фаза е откриен. Се чувствува како безболна, цврста маса во тестисот која ако се напипа треба особата веднаш да се јави на лекар.
Ако имате било какви симптоми на состојби на скротум или тестиси, болка, оток, осетливост или грутка веднаш консултирајте се со доктор. Некои состојби може да бидат опасни по живот ако не се лекуваат навремено.