Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Во атмосферата има 78% азот и 20% кислород. Без азот животните и растенијата не можат да живеат, основна компонента е на протеините.
Растенијата и животните не може да го користат азотот во воздухот кој е инертен. Бактериите во почвата од азотот создадаваат амонијак и амониум кои растенијата ги претвараат во амино киселини. Бактериите во микробиомот на животните од амонијакот и амониумот создаваат нитрати и нитрити.
Природно создадените нитрати се главни хранливи материи за раст на растенијата. Природните нитрати и нитрити од растителната храна се добри.
Нитритите се користат како конзерванси за храна.
Синтетички создадените помагаат за производство на ѓубрива и адитиви за храната, често се комбинираат со минерали како натриум и тогаш може да предизвикаат болест кај луѓето. Ако се користат како конзерванси и засилувачи на вкусот на месото, пушената риба, млечните производи, дури и пивото го зголемуваат ризикот за појава на некои канцери, хронични болести, срцеви болести и дијабетес тип 2.
Со добро џвакање и со бактериите во плунката нитратите од храната се претвараат во нитрити кои доаѓаат во цревата и се претвараат во азотен оксид (NO) кој му помага на кардиоваскуларниот систем.
Азотниот оксид превенира атеросклероза, висок крвен притисок и еректилна дисфункција кај мажи. Растителната храна богата со нитрати (цвекло) помага во атлетските перформанси – дозволува кардиоваскуларниот систем да работи поефикасно.
Нитратите од растително потекло помагаат со стареењето и меморијата – помагаат во превенција и третман на падот на когнитивните функции; се препорачува дневно порција растителна храна богата со антиоксиданси и нитрати. Азотниот оксид го зголемува крвниот проток во мозокот.
Во преработеното месо нитратите и нитритите доаѓаат спакувани со протеини. При преработка на висока температура се создаваат нитрозамини кои се силни канцерогени. Предизвикуваат рак на бели дробови, црн дроб, мозок, бубрези, мочен меур, желудник, хранопровод, дебело црево и синуси.
Растенијата, зелениот лиснат и коренест зеленчук, богати се со нитрати кои ги добиваат директно од почвата и не се штетни. Растителната храна содржи помалку протеини од животинската и се создава помалку нитрозамин.
Растителната храна не содржи хем (се наоѓа исклучиво во животинска храна) кој во цревата реагира со нитратите и нитритите за да се создадат нитрозамини. Црвеното месо особено содржи хем протеини (му ја даваат црвената боја).
Растителната храна содржи антиоксиданси (витамин Ц и Е) кои активно спречуваат формирање на нитрозамини.
Треба да ја намалиме изложеноста на лошите нитрати и нитрити. Да се исфрли или ограничи храната која е веќе богата со синтетички нитрати или нитрити или која се претвара во штетни нитрозамини.
Да се избегнува: сувомеснати преработки, сланина, виршли, кобасици, пушена риба и живина, саламурена храна.
Корисни растителни нитрати: зелен лисен зеленчук, босилок, кориандер, цвекло, целер, броколи, ротквици, боранија, печурки, јагоди.