Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
По 40-тата година од животот секоја петта жена страда од неволно мокрење, инконтиненција, слабост на мочниот меур. Пореметувањето е непријатно, заморно и вознемирувачко, но не е опасно по живот. Кога постои ненадејна потреба за мокрење која не може да се контролира веројатно се работи за уринарна ургентна инконтиненција, “преактивен” мочен меур. Ако постои неспособност да се контролира задршката на урина при кашлање, кивање, трчање, дигање товар, при брза промена на положбата на телото, тогаш може да е стрес инконтиненција.
Инконтиненцијата може да настане одеднаш и да трае кратко време или пак перзистира долг период. Причини за инконтиненција која се јавува одеднаш и е привремена се лежење во постела по оперативен зафат, лекарства, ментална конфузија, бременост, инфекција на на мочните патишта или простата, опстипација, гојазност. Сепак најчеста причина е слабост на мускулите на дното на карлицата кои го потпираат мочниот меур и го затвораат мочниот канал. Тие мускули може да се повредат при породување или оперативен зафат на простатата кај мажи, може да се прерастегнати кај гојазни или се менуваат со процесот на стареење.
Има невролошки, ментални и мускулни пореметувања кои влијаат на нагонот за мокрење (Alzheimer, мозочен удар, мултипла склероза, депресија, оштетување на рбетен мозок). Инконтиненција може да се јави и при карцином на мочен меур, зголемена простата, по зрачна терапија во малата карлица, пелвичен пролапс кај жени – пад на мочниот меур, мочниот канал или ректумот во вагината.
Контролата на актот на мокрење зависи од два мускула: сфинктер и детрузор. Кај стрес инконтиненцијата, најчеста кај жени, постои слабост на сфинктерот кој не може да го спречи неволното мокрење. Почесто е кај жени кои имале повеќе бремености и породувања и кај кои по оперативен пат е извадена матката.
Инконтиненцијата може да влијае на социјалните активности, кариерата и емоционалните врски. Најчести симптоми се неволно мокрење и мала количина на урина која спонтано излегува при притисок (кивање, кашлање).
Третманот зависи од тоа колку се симптомите изразени и колку влијаат на секојдневниот живот. Има четири типа на третман за стрес инконтиненцијата: вежби за мускулите на карличното дно, промена на навиките, лекарства и оперативен третман.
Одложување на мокрењето бара помеѓу две мокрења да се почека колку што се може до следниот нагон и постепено да се продолжи времето помеѓу две мокрења на 3-4 часа.
Со Кегелови вежби се зајакнуваат мускулите на карличното дно; помагаат во контрола на испуштањето на урина и ги ублажуваат симптомите. Тоа се вежби на волево стегање и олабавување на мускулите, го зајакнуваат сфинктерот на мочниот канал. Електрична стимулација е корисна кај лица со потешкотии во изведување на вежбите.
Уринарна инфекција се лекува со антибиотици и/или уроантисептици. Останатите лекарства (антихолинергици, антимускарински, алфа-адренергични агонисти) делуваат при умерена стрес инконтиненција.
Хируршко лекување се применува кога тегобите се силно изразени и го реметат нормалното живеење.
Соодветна грижа и правилна исхрана имаат улога во надминувањето на проблемот со неволното мокрење.
Ако е потребно се носат секојдневни упивателни влошки, се внимава на редовно празнење на дебелото црево за да се избегне запек (опстипација).
Се избегнува одредена храна и пијалоци за која постои сомнение дека прават проблем или ги влошуваат симптомите.
Треба да се пие доволна количина на течности. Намалување на внесените течности не помага туку напротив, состојбата се влошува – урината станува поконцентрирана и ја надразнува слузокожата на мочниот меур.
Алкохолот има директен двоен ефект – ја намалува контролата и делува како средство за мокрење (диуретик).
Кофеинот има двојно несакано дејствоː го стимулира мочниот меур и делува како диуретик. Го има во безалкохолните пијалоци, чаеви, чокалади. За да се избегне ноќното станување за мокрење не треба да се пие кафе по 19 часот.
Лутата храна, киселите продукти и газираните пијалоци ја иритираат слузокожата на мочниот меур и можеби ќе треба да се исфрлат од исхраната.
Одржување на нормална телесна тежина помага во контрола на инконтиненцијата.