Можеби некој се прашува како е можно да живееме во општество во кое на ангро се краде и тоа во име на каузата и возвишеноста на нацијата. Но, како што еден голем мислител во една прилика има изјавено – Планирам да живеам додека сум жив – така и нашата елита го троши тендерски стекнатиот имот, како да нема да го дочека следниот ден.
Кога велам мислител не мислев на Френсис Фукујама или Бернар Арни-Леви, туку на Број 1, тајниот лидер на уште потајната група ТНТ, опишана во стрипот Алан Форд. Аланфордовската животна филозофија ни е вткаена во нашата ДНК, како колективно наследство од некогашниот живот поминат во заедничката држава со братските народи и народности, па ниту една гадоштина не може да биде доволно гадна за нас, за да не биде објаснета како нужност за нацијата, народот, црквата или фирмата.
Веројатно е глупо да се прави споредба помеѓу македонските политичари и бизнисмени и ликовите од Алан Форд и секако дека дури ниту јас не би го направил тоа, но не можам а да не се обидам во оваа прилика Никола Груевски да го споредам со Боб Рок, еден од агентите на ТНТ.
Боб Рок е најстариот брат од четворката близнаци и единствениот кој се обидува на чесен начин да заработува за леб. Поточно, тој е приморан да се бави со чесна работа бидејќи нема талент за криминал, за разлика од неговите браќа Тим, Том и Тумб, кои се озлогласени криминаци и редовни станари на затворот Синг-Синг.
Но, тој што внимателно ги читал стриповите може да забележи дека Боб во огромен број ситуации се обидува на незаконски начин да спечали богатство, но како по правило на патот му застанува Број 1 или ноторниот Сер Оливер.
Неверојатно големиот нос и нискиот раст, но и отсуството на шарм и реторика, го прават неомилен кај спротивниот пол, па во една епизода кога тој учествува во едно телевизиско реално шоу, една убавица има прилика да бира помеѓу него и горила и на крајот тој останува неодбраниот.
Секако дека немам намера да го исмевам поранешниот премиер на Македонија, со физичка споредба со Боб Рок, бидејќи ниту е битно за еден политичар дали е убав, ниту пак убавината може да биде објаснета на универзална основа. Сепак, има една сличност од која не може да се избега, а тоа е познатата максима на Боб, која му е водилка во животот и гласи – Подобро цел живот да се помине како милионер, одошто една недела да се живее како сиромав. Токму оваа животно мото на Боб Рок, некако најубаво го опишува македонскиот неимар, војвода, доктор на науки, обединител, боксер, реинкарнација на Ќосето и каков се не епитет доделен на Никола Груевски, од масата аланфордовци на Македонија.
Боб Рок, пардон Груевски има намера целиот живот да го помине како милионер, наместо една недела да биде сиромав или да речеме две години да биде во затвор. Тоа е едноставено така и не треба да се бара друго објаснување за неговото хм, киднапирање во Унгарија. Тој ќе си шетка по рестораните на Будимпешта и ќе срка од внимателно подготвениот гулаш, се додека некој Број 1 или Сер Оливер не му ги расипе сметките.
За крај да спомнеме уште две големи мисли од Број 1, кој во една прилика вели – подобро е херојски да се повлечеш, одошто кукавички да победиш – а во друга – не се предавај никогаш, освен кога мораш.
(Преземено од Фејсбук)