Пред неколку дена прочитав еден интересен извештај од Приштина, во кој беа пренесени барањата на протенстантите насобрани во главниот град на Косово, кои го дигнаа својот глас против било каква иницијатива за менување на границите на нивната земја.
И тука нема ништо спорно, освен фактот дека на протестот се виореа знамиња со картата на „Голема Албанија“. Оксиморонската антитеза на демонстрантите, кои не се снебиваат себе си да се наречат националисти, го потврдува стариот рецепт на демократијата. Мислам на оној рецепт што колоквијално се нарекува „гомнарка“, а се објаснува со тезата дека попрво од гомна ќе се направи пита, одошто од националсст ќе може да се чуе некоја паметна работа.
И така, насобраните луѓе во Приштина го бранеа територијалниот интегритет на Косово со знаме на „Голема Албанија“, која доколку некогаш се формира ќе го достигне крајниот дострел на албанските националисти, но во исто време ќе значи и исчезнување на самото Косово.
Неколку дена по овие траги-комични протести во Приштина, се случи нов инцидент во Охрид, каде група на албански играорци закачија огромно знаме на „Самоиловата тврдина“, што предизвика брз и остра реакција од полицијата.
Иако овој настан беше медиумски добро покриен, треба да се потенцира во оваа прилика дека беше истакнато државното знаме на Албанија, без никакви симболи на придавката голема. Но, повторно на сцена го видовме истото моронско однесување, кога од полицијата информираа дека од играорците им било објаснето дека тие сакале со знамето да направат адекватна кореографија, додека веројатно ги вежбале народните ора и песни во тврдината. Е токму во овој детал може да се открие глупоста на играорците, се извинувам националистите, кои сакајќи да направат кореографија, знамето го обесија од надворешната страна на зидините, па импровизираната сцена наместо за нив им беше поставена на охриѓани.
Да не испадне дека шупци има само кај Албанците, ќе го посочиме и примерот со грчките сродни души, кои го вандализираа што туку поставениот споменик на Александар Велики во Атина. На споемникот со невешт ракопис е напишано дека Александар бил крвник, кој убил голем број на луѓе и дека ѕвездата од „Вергина“ ги грее хомосексуалците. Со кратки зборови Александар е опишан како масовен убијец и хомосексуалец, што секако дека е најточниот краток опис за неговиот лик и дело. На својот поход до Индија, александровите војници направиле до во тој момент невидени колежи и ѕверства, а афинитетот кон истополов секс била секојдневна појава на македонскиот кралски двор. Значи овие вандали од Атина, ако сакале да му наштетат на сеќавањето на големиот војсководец требале да напишат нешто од типот дека тој бил „женски душманин“ или да измислат дека важел за мошне вешт дипломат.
Што се однесува до македонските националисти и шупци, последнава недела на ова поле владее вистинска штама. Потрагата по албански гласови за вториот круг на изборите ја достигна перверзната фаза, па знамето во Охрид од кадидадите и партиите што поддржуваат беше истретирано во стилот – ма нема везе. Дежурните „Антички Македонци“ дури и заборавија да го осудат вандализмот во Атина, бидејќи се бира претседател, па да не се влегува во непотребни дебати.
На нашиот автентичен и многу шупачки национализам, сепак, ќе треба да почекаме до понеделник.
(преземено од Фејсбук)