Кучињата не се само домашни миленици туку може да спасат живот на своите сопственици. Во прилог на ова тврдење одат неколку научни истражувања што докажуваат дека кучињата имаат способност да намирисат неколку болести кај човекот или да алармираат на нив.
Маларија
Научници во текот на минатата недела докажаа дека е доволно куче да помириса нечии чорапи за да знае дека има маларија. По тренинзи од неколку месеци, лабрадори и лабрадори – ретривери можеа да издвојат заболени деца од група.
Рак на простата
Едно истражување спроведено во Италија во 2015 година покажа дека со тренинг на кучиња на одредени хемикалии, тие може да предвидат рак на простата. Во рамки на експериментот биле дресирани два германски овчара на некои материи и кога биле воведени во просторија со здрави и заболени учесници во проектот, кучињата не погрешиле во 90 отсто од случаите. Она што е интересно е дека кај дел од нив болеста сè уште не била откриена.
Дијабетес
Кучињата се користени и во истражување на нивните способности да намирисат екстремно високо или екстремно ниско ниво на шеќер во крвта. Хуманитарната организација „Хипо Хаундс“ со години тестира кучиња за детекција на ваков тип на нарушувања во човечкиот организам со мирисање на здивот или потта на луѓето. Докажано е дека тие може да намирисаат пореметување и пред потврда од регуларните клинички тестови.
Паркинсонова болест
Универзитетот во Манчестер настојува со истражувања да докаже дека кучињата може да се издресираат за откривање на Паркинсонова болест пред појава на симптомите.
Рак на дојка
„Бакингам Хелткер“ е уште една во низата на хуманитарни организации што стои зад тренинг на кучиња за откривање на болест. Во нејзиниот случај се работи за рак на дојка. Жените во денешно време може да се подложат на мамографија еднаш во три години поради зрачењето, а доколку милениците може да ја намирисаат болеста, тогаш бројот на детектирани случаи би можел да се зголеми за 50 отсто што значи и навремено и посигурно лекување.