За помладите можеби насловов ќе биде не до крај разбирлив, но за постарите веројатно ќе значи потсетување на една дамнешна анегдота за гевгеличанец кој дошол во Скопје.
Имено, дотичниот, навикнат на секакви домашни животинки, пријатно се изненадил кога некој скопски лингур почнал да му се мота околу нозете. Нормално, веднаш ги прашал домаќините: Апе ли Џекто? Овие шокирани не знаеле што зборува човеков. Тој малку се вознемирил дека нема одговор, а кучево како да ја осетило нервозата, па почнало уште поблиску да го душка. Сиромав гостин упорно прашувал Апе ли Џекто, а домаќиниве немоќно кревале раменици. Ситуацијата ја спасил некој гевгеличанец веќе одомаќинет во Скопје, кој веднаш му одговорил дека не апе. На присутните им објаснил дека всушност гевгеличанецот цело време прашувал „Јаде ли Џекот“, мислејќи на кучето, кое според него требало да се вика Џеки, во тоа време популарно име за кучињата.
Оваа анегдота деновиве им се мота низ глава на многумина скопјани, без разлика дали ја знаат или не, но прашањето како молња им прострујува низ глава кога ќе имаат блиска средба од најнепосакуван вид со некој од илјадниците скопски лингури, кои слободно крстосуваат низ градските површини.
Независно колку некои обожуватели на кучињата се противеле или мавтале со закони за заштита на ликот и делото на скопскиот уличен лингур, една работа е неизбежна. Скопје е преплавено од кучиња скитници и скопјани се директно загрозени од тоа. И точка.
Секој друг муабет е беспредметен и здодевен.
Проблемот е што градските татковци, со години и децении наназад попуство ветуваа и се обидуваа оваа непријатна појава да ја стават во ред, но се покажаа јалови. Ништо од тоа.
Кој не верува или зборува поинаку, нека прошета малку низ градов и да види како изгледа кога од нигде никаде ќе го опкружат кучиња кои колку и да имаат пријателски намери, не изгледаат нималку пријателски, особено кога ќе почнат да лаат и да се доближуваат до граѓаните.
Димче Калешко